Дуда потпиша Указ за ембарго на јаглен од Русија

by Fokus

Полскиот претседател Анджеј Дуда потпиша указ, претходно усвоен од Парламентот, со што се воведува ембарго на руските испораки на јаглен и можност за замрзнување на имотот на физичките и правните лица кои ја поддржуваат Русија. Информацијата е објавена на официјалниот сајт на полскиот лидер.

Законот, подготвен од полската Влада, дозволува замрзнување на средства и ресурси во сопственост или контролирани од поединци, организации и тела вклучени во посебна листа на Министерството за внатрешни работи. Соопштено е дека на списокот ќе има поединци и организации што „директно или индиректно“ ја поддржуваат руската инвазија на Украина.

Според полскиот заменик-министер за внатрешни работи, Мачеј Воншик, санкциите ќе се состојат од четири елементи: замрзнување на имотот, ограничување на правото на располагање со имотот, забрана за јавни набавки и забрана за влез во Полска на лица, кои ќе бидат вклучени во листата, по барање на специјалните служби, Обвинителството, Владата и на други државни органи. Се очекува списокот да биде објавен следната недела.

Со новиот закон се забранува и увоз и транзит на јаглен од Русија, Белорусија, Донбас. За прекршување на забраната е предвидена административна казна до 20 милиони полски злоти (околу пет милиони американски долари).

Поврзани новости