Малата Дуа од Кичево, по 131 ден на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје си оди дома со своите родители, објавија од Клиниката.
Оттаму информираат дека на 12 март годинава Дуа се родила во 24-та гестациска недела, со само 520 грама.
Повеќе од 4 месеци престојувала на Одделението за интензивна нега и терапија (ОИНТ), а ектремното прематурче си заминало како здраво бебе со тежина од 1.890 грама.
– Дуа како вистинска мала дама си замина во фустан од нашата клиника и си отиде со мама и тато во Кичево, кои се пресреќни што конечно нивното прво бебе ќе си го гушкаат во својот дом. Малата Дуа, еден од нашите најголеми борци, овие 4 месеци и 11 дена секојдневно ја добиваше медицинската нега и безграничната љубов од педијатрите, медицинските сестри и од целиот персонал на ОИНТ, кои посветено се бореа заедно со неа – соопштија од Клиниката.
И посакаа многу здравје и среќно и безгрижно детство.