Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши контрола на Клиниката за токсикологија и констатирал дека договорите за работа се потпишани само од организациската директорка Бесија Иљази. Поради тоа ДСЗИ ќе испрати предмет до Министерството за здравство за да ја провери валидноста на договорите.
„Што се однесува до потпишување на акти на самата клиника од организацискиот и медицинскиот директор кои имаат заедничка надлежност, во Законот за здравствена заштита децидно стои дека договори за вработување треба да бидат потпишани од двајцата директори, како и за отказни решенија, јавни набавки. Во овој случај станува збор за договори за вработување кои се потпишани само од орагнизацискиот директор. Согласно Законот за здравствена заштита, законодавецот не предвидел глоба за оваа проблематика и за таа цел ДСЗИ ќе го испрати предмет до Министерството за здравство за да ја провери валидноста“ изјави денеска директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска.
Како што појасни таа, засега нема санкции, но министерството за здравство има ингеренции да постапува за валидноста на договорите.