Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска ќе врши инспекциски надзор во болницата во Штип по смртта на родилката од Делчево.
Првите информации од инспекцискиот надзор се очекуваат во текот на утрешниот ден.
Од штипската болница соопштија дека Комисијата за контрола на квалитет и етички прашања вчера ја разгледала документацијата за случајот и утврдила дека нема пропусти во третманот на пациентката, но сепак ќе ги почекаат извештаите за причините за смртта на родилката.
Како што велат, родилката била примена за породување на Одделот за гинекологија и акушерство утрото околу 10 часот на 26 декември. Десетина минути по приемот, пациентката колабирала, со ниска тензија и немерлив пулс, по што веднаш била пренесена во операциона сала, каде што била породена со царски рез.
„Направено е итно породување со царски рез на бебето, кое е веднаш транспортирано на Детска клиника, а поради голема количина на крв во абдоменот, четворица хирурзи почнуваат операција за спас на пациентката. И покрај дадената крв и крвни деривати и операција, пациентката предоперативно, за време на операцијата и постоперативно е со тешка клиничка слика и хемодинамски нестабилна“, се вели во соопштението од болницата.