Вонреден инспекциски надзор од Државен санитарен и здравствен инспекторат бил извршен во Психијатриска болница „Скопје“, изјави директорот на Психијатриската болница Мухсин Арифи. Во соопштение до јавноста тој најави повеќе детали подоцна во текот на денот.
„Kако новоназначен директор на психијатриската болница ’Скопје’, чувствувам должност да се обратам на пошироката јавност за последните случувања поврзани со агресивните пациенти кои се тепаат меѓусебе. Истите се сместени на судско одделение каде се третираат пациенти со изречена мерка од надлежен суд.
Се однесува на лица кои сториле кривични дела како убиство, обид за убиство и друго. Со сета должна почит кон моите претходници, би сакал да потенцирам дека затекнав состојба во која болницата функционира во отежнати кадровски, технички и безбедносни услови“, стои во соопштението до јавноста од Арифи.
Ова соопштение следи по видеата објавени на социјалните мрежи каде се гледа како лица се тепаат.
Тој додава дека од негова страна по настанатиот случај се преземени сите безбедносни мерки за заштита на пациентите и известени се надлежните институции што во моментот се грижат за безбедноста.
„Очекувам во најкраток рок институционално решавање на случајот, а во меѓувреме започнав со воведување мерки и механизми за превенција на вакви идни немили настани. Крајната цел е да се постигне трајно решение за подигнување и одржување на безбедноста во болницата и подобрување на условите за нејзино нормално функционирање“, изјави Арифи во соопштението до јавноста.