Повлекување на новите законски измени во високото образование од владата и МОН побара и партијата Демократски Сојуз, коалиционен партнер во владата под раководната палка на Груевски. Според нив, предлог – законите треба да се преработат, вградувајќи во истите дел од идеите и сугестиите дадени во текот на неколкудневната јавна расправа.
– При доработката на законите, предлагаме да се имаат предвид и предлозите од универзитетските професори и студентите. Причината за овој предлог на Демократскиот сојуз е фактот што пратениците ги немаат добиено сугестиите и предлозите искажани на јавната расправа во текот на вчерашниот ден и деновите пред тоа. Сметаме дека се можни одредени промени во предлог – законите, со кои во голема мерка ќе се подобри нивната содржина и ќе бидат во функција на подобрување на квалитетот на образованието, посебно на високото – се наведува во соопштението од ДС.