Демократскиот сојуз најостро осудува формирање здруженија на граѓани преку кои се враќа и афирмира фашизмот на територијата на Македонија, реагираат денеска од партијата.
-Уставно право и слобода е граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска или партиска припадност, да се здружуваат за афирмација на културни, идентитетски, јазични и други обележја, но не смее да се регистрираат здруженија со имиња на познати фашисти, сојузници на Третиот рајх, соработници на Хитлер и негатори и асимилатори на македонскиот народ, како што се Цар Борис Трети и Иван Михајлов.
Не сме против афирмација на националните обележја на Бугарите во Македонија, но не е случајно што тоа се прави со здруженија кои носат имиња на фашисти, поради што со право ќе не третираат како држава која доживува повампирување на фашизмот, велат од ДС.
Тие додаваат дека Цар Борис Трети е водач на фашистичката армија која ја окупира Македонија и познат е како „Цар Обединител“ на Бугарија, чија окупаторска власт врши злосторства и со терор спроведува процес на бугаризација на Македонците за време на Втората светска војна. Оттаму, со афирмацијата на неговото име се промовираат територијални претензии кон Македонија и се навредуваат чувствата на Македонците.
-Со понижување на Македонците, Евреите, Ромите и сите други слободољубиви граѓани кои страдаа за време на фашистичката окупација во логорите на смртта во Треблинка или во затворите и полициските участоци, не може да се градат добрососедски односи помеѓу Бугарија и Македонија.
Демократскиот сојуз со индигнација ја отфрла и изјавата на Министерството за надворешни работи, која ниту е европска ниту пак значи афирмација на човековите права и слободи со формирање здруженија со имиња на фашисти и непријатели на македонскиот народ, порачаа од партијата.