Република Македонија е стабилна и нема основи за дестабилизација преку меѓуетнички или интеретнички судири, порачува Демократскиот сојуз.
„Сè повеќе се шират дезинформации преку социјалните мрежи, порталите и некои провладини медиуми, дека Македонија е загрозена, дека ќе се федерализира, кантонизира, дека постои странски заговор за разнебитување на државата, како и повици да се застане на браникот на одбраната на државата, дека треба пресметка со предавниците, се промовираат методите на Ќосето, се вршат поделби на наши и ваши во службите за безбедност и АРМ и слични будалштини, се со цел да се создаде атмосфера на страв и безизлезност, со нудење на единствена опција- воведување воена состојба односно да се изврши воено- полициски удар“, се вели во партиското соопштение.
Демократскиот сојуз вели дека унитарниот карактер не е загрозен или доведен во прашање, а за тоа се гаранти сите граѓани на Македонија, но посебно мнозинскиот- Македонски народ, како и другите народи со кои со векови живееме заедно.
„Не постои странски заговор за уништување на Македонија. Внатрешната стабилност и кохезија се клучни за иднината и перспективите на Македонија. На Македонија и е потребна нова реформска Влада која согласно Уставот треба да ја формираат партиите кои ќе обезбедат мнозинство во Парламентот“, потсетува ДС.
Демократскиот сојуз повикува на разумно и одговорно однесување од сите лидери на партиите, при што мора националните и државните интереси да бидат пред личните и партиските.
„Обидите преку дестабилизација на државата да се заштитат партиските водства, ќе бидат препознаени, осуетени и казнети, токму од народот на кој популистите се повикуваат секогаш кога ги губат позициите и власта“, соопшти ДС.