Демократскиот сојуз бара од премиерот Димитар Ковачевски да го повлече новиот Предлог-закон за амнестија, бидејќи, според нив, овој закон е политички пазар помеѓу коалиционите партнери СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците и продолжение на неодамнешните измени на Кривичниот законик со кои брутално е нападнат правниот поредок.
„Господине Ковачевски, немојте да се мачите да пишувате амандмани на закон кој го предлага Владата со која Вие раководите. Амандмани ќе има илјадници и бидете сигурни дека законот нема да помине! Инаку, знаете ли на што личите сега со најавата за амандмани? На јавноста ѝ испраќате порака: `ИМАМ СВОЕ МИСЛЕЊЕ, НО НЕ СЕ СОГЛАСУВАМ СО ИСТОТО`“ се вели во партиското соопштение.
Оттаму нагласуваат дека „Владата го урниса системот на владеење на правото и ги загрози евроинтеграциите на Македонија“.
„Ја повикуваме Европската унија да изгради јасен став во врска со измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за функционерите, како и за најновиот предлог закон за амнестија со кој ќе се амнестираат лица сторители на тешки кривични дела. Повеќе од јасно е дека сето ова, како и најавите за дополнителни амнестии се прави наводно за да се изгласаат уставните измени со кои се предлага Бугарите да бидат вградени во Уставот, а суштината е неказнивост на функционерите и да се остане ден повеќе на власт“ велат од ДС.