ДС: Изјавите за сојуз на албански општини се во полза на Русија и Бугарија

by fokus

Демократскиот сојуз најостро ги осудува изјавите на водствата на Алијанса , Алтернатива и ДУИ за дестабилизација на Македонија, формирање на заедница на општини со доминантно албанско население, децентрализација (читај федерализација) и слично, по примерот на Заедницата на општини на Србите во Косово.

-Оваа националистичка реторика претставува сериозна закана за меѓуетничките односи, прикривање на криминалот и директно ги загрозува евроинтеграциските перспективи на Македонија. Дестабилизацијата на Македонија ќе значи и дестабилизација на Балканот што е главна стратегија и цел на Русија, како и на националистите во Бугарија. Компарацијата со Косово е апсолутно неточна и нема никакви сличности. Во 1999 година НАТО интервенцијата беше двонасочна, да се сруши режимот на Милошевиќ и на Косово да се формира нова држава, во рамките на автономната покраина Косово и Метохија, која беше дел од Србија.

Македонија беше главен логистички центар на НАТО, но тоа не им пречеше на УЧК во 2001 година да отворат војна во Македонија со територијални барања, а подоцна, под притисок на САД, да ги трансформираат во барања за човекови права.

Тој конфликт ја врати Македонија дваесет години назад и затоа задоцнивме со членство во НАТО и ЕУ, велат од партијата.

Демократскиот сојуз апелира на трезвеност и одговорност, почитување на различностите и јакнење на демократските институции, борба против корупцијата, како и внатрешна кохезија и стабилност.

Поврзани новости