Демократскиот сојуз на Павле Трајанов бара одговорност од министерот за правда, Кренар Лога бидејјќи ја злоупотребил службената положба со тоа што донел Упатство за водење на матичните евиденции во кое, покрај податоците утврдени со Законот за матични евиденции, додал нова графа во која се искажува и националната, односно етничката припадност.
-Во матичните евиденции не може да се менуваат податоците, тоа се законски решенија и никој не може да ги менува, дополнува уште помалку да додава графа за национална/етничка припадност.
Ова што го направил министерот за правда е преседан и Упатството мора да го повлече. Националната/етничката припадност и определба е неприкосновено човеково право кое не може да биде изјавувано во официјален документ без промена на Законот и поширока поддршка од граѓаните.
Злоупотребите со балансерот при вработување треба да се спречат со укинување на овој неефикасен и дискриминирачки механизам, а не да се користат како изговор за менување на матичните евиденции без законска основа.
Националната/етничката припадност секаде во светот, вклучително и во земјите членки на ЕУ не се впишува ниту во изводите за матична евиденција (родени, венчани или умрени), ниту пак во документите за идентификација (лична карта, пасош, возачка дозвола итн), велат од Демократскиот сојуз.
Тие ја повкуваат Владата веднаш да го повлече ова Упатство и да побара од Собранието разрешување на министерот за правда поради ова самоволие.
Со донесеното Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на одржување, заштита и чување на матични книги и документација кое го направи Министерството за правда отсега во изводите од матичните книги има и графа за етничката припадност, односно националност.
Како што објави „Фокус“, оваа промена е идеална можност за зголемување на бројот на Бугари во Македонија видоа бугарските здруженија кои ја шират пропагандата во Македонија за „еден народ во две држави“. Здружението „Фондација Македонија“ регистрирано во Бугарија, а кое делува во Македонија сега ја промовира идејата изводот од матична книга на родените во Македонија да може да се искористи како доказ за бугарско потекло со кое ќе може да се извади бугарски пасош.
-Според новиот закон можете да го обновите изводот на родените и на него пишува националност: бугарска. Сега проверуваме дали ова ќе ти даде можност сигурно да добиеш бугарско државјанство, но ако на изводот ти пишува бугарско, дефинитивно треба да добиеш бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Масовно се вадат изводи од С. Македонија, во кои е напишана националноста на Бугарин. Чини 250 денари, порачаа од здружението.