Државниот завод за статистика ќе го тужи Мицкоски

by fokus

Во врска со изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Христијан Мицкоски, на прес-конференцијата одржана на 25.10.2019 година, дека Државниот завод за статистика фабрикува извештаи по нарачка на Владата, директорот на Државниот завод за статистика изјавува дека во целост ги отфрла и демантира изјавите и шпекулациите на г. Мицкоски како неточни и лажни, стои во соопштението на Државниот завод за статистика испратено до медиумите.

Од таму посочуваат дека работата на ДЗС е под постојан мониторинг и евалуација на Евростат, додека пак економските и монетарните статистики истовремено се и под мониторинг на ММФ.

„Поради изнесените клевети, Државниот завод за статистика ќе поднесе тужба за клевета до Мицкоски и до ВМРО-ДПМНЕ“, додаваат од таму.

Во врска со пописот од Државниот завод за статистика соопштуваат дека ќе поднесат предлог до Министерството за правда пописот да се одложи за 2021 година.

„Согласно воспоставената меѓународна пракса и искуство, пописните и изборните активности не можат да се одвиваат паралелно. Во таа насока, Државниот завод за статистика ќе даде предлог до Министерството за правда, кое е официјален предлагач на Законот за попис на население, домаќинства и станови, периодот на спроведување на Пописот да се пролонгира за април 2021 година, а Законот за Попис на население, домаќинства и станови да биде донесен пред формирање на техничката Влада. Воедно, Државниот завод за статистика изјавува дека е подготвен за разгледување на можностите за усогласување на сите отворени забелешки поврзани со Пописот со сите релевантни чинители во државава“, соопштија од таму.

Поврзани новости