Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Виктор Димовски, учествуваше на 34-та сесија на Министерската конференција на Франкофонијата, која се одржа изминативе два дена во Париз.
Во своето обраќање Димовски информираше за приоритетите на Владата на Република Македонија во однос на темата на овогодишната конференција “Новите економии како двигатели на развојот, социјалната инклузија и одржливиот развој”.
Притоа, посебен акцент стави на предизвиците поврзани со климатските промени подвлекувајќи дека со неодамнешното ратификување на Парискиот Договор во македонското Собрание се создаваат можности за натамошен ангажман на нашата земја во насока на справување со климатските промени, имплементирање на политиките за одржлив развој и поддршка на “зелените” економии.
За време на конференцијата Димовски учествуваше и на затворената сесија на која беа разменети мислења за политичката и безбедносната ситуација во земјите од франкофонскиот простор, со посебен акцент на миграциите и тероризмот.