Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го примил предлогот на Владата за негово разрешување и ќе се произнесе писмено во законски предвидениот рок.
Како што соопштуваат од ЈОРСМ, денеска од страна на Советот на јавните обвинители е доставен предлог за негово разрешување поднесен од страна на Владата. Согласно законските рокови, Советот треба да испрати мислење во рок од 15 дена.
– До Јавниот обвинител на РСМ денеска од страна на Советот на јавните обвинители е доставен предлог за негово разрешување поднесен од страна на Владата. Јавниот обвинител ќе го разгледа и писмено ќе се произнесе во законски предвидениот рок, велат оттаму.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.
– Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство, беше соопштено од Министерството за правда.
Државниот јавен обвинител, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.