Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска на новинарско прашање рече дека тој поддржува ветинг во судството.
-Да бидам сосема на чисто, поддржувам таков процес, во кој во рамките на обвинителството и судството ќе останат чесните, ќе останат тие што се борат за правдата, тие што имаат неселективна примена на законот, јавни обвинители и судии со свој интегритет, нагласи Јовески.
Рече дека сите забележале што се случило со последната одлука во делот на противправното градење, односно како Судот ја толкува таа одредба.
– Мислам дека на такви судии не им е местото во правосудството и веројатно Судскиот совет ќе треба по соодветна постапка да го испита тој дел. Јас после објавувањето на пресудата барав и судска пракса. Судската пракса во однос на овие кривични дела е сосема јасна, таму не се бараат ниту записници од инспектори, ниту дали некој пријавил, доволно е лицето да отпочне да гради без одобрение за градба, потенцираше главниот јавен обвинител.
Во врска со оставката на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Јовески наведе дека оставката е нејзин личен чин, посочувајќи дека нема што понатаму да коментира.