Во интервју за Радио Слободна Европа, државниот правобранител Насер Зибери вели дека до неговата канцеларија пристигнуваат претставки од страна на граѓани за неможноста да закажат термин за стекнување со лични документот и за проблемот за надоместокот за трошоците за обновување на документи кои согласно законските решенија се валидни, а поради измените на Уставот на 12 февруари ќе станат неважечки.
„Лично сметам дека по усвојувањето на измените, Владата на една од првите наредни седници со МВР да изготви оперативен план за пристапување кон примена на уставните амандмани. Тоа подразбира еден временски роковник во кој прво ќе се пристапи кон измени на законите за патни исправи, за безбедност во сообраќајот, законот за лични карти, и по измените на овие закони веднаш да се задолжи МВР да пристапи кон измени на подзаконските акти и правилници и обрасци и по 6 месеци, Владата да биде спремна граѓаните да ги снабдува со нови лични документи согласно уставите амандмани“, вели Зибери.
Тој кажа дека одговорноста за овие пропусти, односно одлагањето на уставните амандмани при издавање на личните исправи е исклучиво на Владата, а за тоа зошто трошоците не се не сметка на буџетот туку паѓаат на грбот на граѓаните, тој вели дека МВР се повикале на одлука на Владата со која Министерството е задолжено да ги измени подзаконските акти за издавање на личните исправи а не предвидела средства за надоместок на граѓаните.
„Ние баравме Владата, односно државата да ги сноси тие трошоци, за сите граѓани, кои по стапување на сила на измените на Уставот и стапување на сила на уставниот закон за спроведување на амандманите, се стекнале со нови документи со старото име на државата, а заради измени на Уставот ќе бидат неважечки, бидејќи сметаме дека државата по стапување на сила на уставните измени не смеела да издава лични исправи со стари обрасци, односно со името Република Македонија“, кажа Зибери.
Дополнително, вели Зибери, по новата година до нив пристигнуваат претставки од граѓани за тоа дека постапката и процедурата по сликањето за нови документи се одвива бавно, односно, граѓаните не можат на време во законски предвидениот рок од осум дена да ги добијат новите патни исправи. Затоа, тој ќе се обрати до МВР зошто се доцни со издавањето на веќе изготвените исправи, а во неофицијални разговори вели, добил информација дека државата се соочува со недостиг на обрасци.