Државник или државникант

by Фокус

Денес е денот “Д“ кога пратениците во македонскиот Парламент треба да се изјаснат за пакетот образовни закони, меѓу кои е и фамозниот проект за интервенции и експерименти во високото образование. Поучени од претходното искуство кога Законот беше во фазата на т.н. „прво читање“, за очекување е дека мнозинството пратеници ќе ги игнорираат протестите пред Собранието и ќе се однесуваат како партиски послушници, а не како народни избраници. И, ќе го изгласаат владиниот проект за „подобрување на квалитетот на високото образование“. Кој потоа ќе оди на „аминување“ кај претседателот на државата, со што, по објавувањето во Службен весник, практично стапува на сила.

Кога сме веќе кај претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, тој во изминатите два дена имаше можност да ги сослуша двата спротивставени професорски табора – Професорскиот пленум (ПП) и контра-професорскиот контра-пленум (КПКП), обландиран со безобразен назив „Граѓанска иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“, што би требало да упатува на тоа дека другата страна е против знаењето во високото образование. Нејсе, по средбата со претставниците од студентскиот и професорскиот пленум, претседателот Иванов истакна дека кон најавените „реформи“ во високото образование ќе се однесува како државник, а не како професор.

И да бидам искрена, тоа ме радува, односно ми буди надеж дека шефот на македонската држава ќе стави вето на Законот.

Зошто?

Затоа што државник, пред сé, е човек кој се грижи. Се грижи за општото добро, за единство на нацијата, за интересите на општеството, за темелите на државата и за доследно почитување на нејзините закони. А закон над сите закони во една држава е Уставот. Значи, државникот мора да се грижи за спроведување на Уставот.

Оттаму, ако Иванов навистина има намера да се однесува државнички кон донесувањето на еден докажано неуставен закон кој ја загрозува автономијата на универзитетот, има само еден избор – да го отфрли. Да не го потпише. Да стави вето. И јавно да го соопшти тоа поставувајќи се како заштитник на легалитетот во одбрана на својот претседателски легитимитет.

Јас така го разбирам поимот „државник“. Така го разбираат и сите здраворазумски и образовани луѓе. Така е опишан и во сите книги и енциклопедии за политички науки. А Иванов е политиколог, меѓу другото. А доколку претседателот, сепак, го потпише указот за Законот, тогаш тој треба на целата македонска јавност да ѝ објасни неколку работи.

Прво, дали е државник, или партиски дрон.

Второ, дали е наш претседател, односно претседател на сите граѓани на Македонија, или е само персонална инсталација на владејачката партија на функцијата која ја извршува.

И трето, зошто станува соучесник во кршењето на Уставот, односно дел од разјарената камарила која атакува на последната слободна оаза во државата Македонија – универзитетот.

Изборот е негов: или ќе биде дел од слободната мисла која предводена од студентите спонтано се шири низ булеварите и плоштадите, или ќе биде само обичен технички извршител кој последен ќе ја исклучи светилката во нашата заедничка соба, Македонија.

Гордана Попсимонова, универзитетски професор

Поврзани новости