Државни јасли

by Фокус

Постои анегдота кога анкетар застанува случаен минувач и го прашува што би правел доколку би добил премија на Државната лотарија? Без трошка размислување, анкетираниот одговорил дека би платил за работно место во некоја државна институција, за да си одлежи на „државни јасли, па Господ да го види!

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Во менталната матрица на homo Macedonicus остана да вирее како троскот паразитскиот феномен „Клати врата, земај плата“. Еден од најболните проблеми на напластена тиња во административната структура!

Замена за некогашната излитена социјалистичка шега „Не може толку малку да ме платат, колку што можам малку да работам“. До денес, мотото на таквиот морал и елан за работа остана „престижна професија“. Фалинка во колективниот ум да се биде згрижен на „државни јасли“!

Освен како фразеолошки израз, односно народна мудрост, ,,државни јасли“ се еуфемизам за сигурна, џабелебарошка и „баш ми е гајле“ работа. Вистински елдорадо за привлекување и згрижување партиски кадри, како неисцрпен резервоар за гласачи, од кои се бара само послушност и членска книшка.

РЕГРУТИРАНИ ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ

Во изминативе триесет и три години, ниту една од трите статус кво партии не беше морален репер за меритократско селектирање кадри за администрацијата. Сите, без усул, до врв ги тапкаа „државните јасли“ со чкарт: лепачи на плакати, партиски тролови по социјалните мрежи и паразити за клатење врата и земање плата.

Антологиски се државната распределба на илјадници партиски војници низ институциите преку лотарија на „Македонски шуми“ и ексклузивните рамковни вработувања со седење дома и земање плата, често и незнаејќи во која институција се вработени.

Посебен куриозитет е фамозниот балансер за вработување на стадото што престојува во странство, но на пописот е евидентирано како резидентно. Затоа, на пример, во скопското село Грчец со 40-тина жители, беа запишани околу 2.000 гласачи, или, пак, во Мала Речица, со околу 2.500 жители, имаше регистрирано над 8.000 избирачи!

Регрутираните „партиски војници“ во администрацијата, наместо во служба на граѓаните, мутираше во сервис на власта. Што е сигурно, сигурно: плата за џабе, слободни викенди, гарантиран годишен одмор, боледување во секое време и други екстри.

Со горе-долу околу еден и пол милион население, Собранието има 120 пратеници, 20 министерства и 70 самостојни или органи во нивен состав, јавна администрација со 1.300 институции. Во нив, на неопределено време и со договор на дело се вдомени и згрижени околу 160.000, претежно партиски, но и кадри со непотистички и кронистички основи.

ИЗМИСЛЕНИ МИНИСТЕРСТВА

Новата влада предвидува скратување барем за 10 отсто органи на државната управа, институции и јавни претпријатија. Почна со неопходна и оправдана реорганизација на министерствата, но поради фактот што партиската држава секогаш е над правната, беше принудена на пазарлак.

Бројот на министерствата од 16, ги зголеми на 20, со исто толку министри, нивни заменици, прв вицепремиер промовиран по советски модел со џентлменски договор посилен од Устав и закон, уште 4 вицепремиери, плус уште еден министер без ресор.

Во состав на министерствата или како самостојни органи на државната управа (не)функционираат и седумдесетина служби, јавни претпријатија, управи, бироа, агенции, фондови, инспекторати и други тракатанци. Сите со директори, економски, заменици или в.д. директори,  управни и надзорни одбори и слични салтанати.

Органограмот има и „измислени“ министерства за политички систем, за односи меѓу заедниците и за добро владеење по примерот на некои актуелни африкански држави во кои постојат ексклузивни министерства од типот породување и продуктивност, работа и домување, и слични будалштини на квадрат.

Циниците се мајтапат дека можеби спасот ќе бил во формирање на уште едно оксиморонско и хибридно министерство со вицепремиер, кое ќе ги координира надлежностите на околу 2.000 институции со околу 3.000 функционери на централно и локално ниво.

Постои анегдота, кога анкетар застанува случаен минувач и го прашува што би правел доколку би добил премија на Државната лотарија? Без трошка размислување, анкетираниот одговорил дека би платил за работно место во некоја државна институција, за да си одлежи на „државни јасли“, па Господ да го види!

„Државните јасли“ станаа македонски вредносен модус операнди систем и сон за бајаги човеци!

Поврзани новости