Ќе се скратат програмите по кои ќе се одржуваат испитите од државната матура со цел полагањето да биде ефективно и организирано, сопшти МОН по средбата на министерката Мила Царовска со претставници на Сојузот на средношколци и неговиот претседател Бленди Ходаи.
– Имаме шест месеци да се подготвиме за државната матура, што е повеќе од доволно за организирање на овој процес. Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка, но токму затоа сме тука, низ заеднички дијалог да понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка.Заедно со учениците, училиштата, со наставниците и, секако, со здравствените власти ќе најдеме начин самото полагање да биде безбедно. Истовремено, работиме на креирање систем кој ќе им помогне на средношколците да се подготват и да постигнат високи резултати на државната матура, кои ќе им бидат основа за понатамошно нивно надградување, информира МОН и додава дека е во постојан контакт со матурантите за да бидат во тек со сите новини со матурата и заеднички да се организира успешно полагање.
Претседателот на Средношколскиот сојуз Бленди Ходаи по состанокот во МОН за медиумите изјави дека имаат две барања за матурантите од оваа генерација поради условите наметнати од пандемијата – да полагаат два наместо три екстерни испити и помалку да биде вклучен наставниот материјал што го изучуваа преку онлајн-платрформи од почетоот на ковид-кризата.. За второто барање, рече Ходаи, имало согласност од МОН, а за првото (помалку испити) засега не, но дека ќе се трудат и натаму за да биде прифатено.