Државната матура е спроведена професионално, велат од ДИЦ и бараат во иднина да има вклучени блокатори

by Fokus

Државниот испитен центар (ДИЦ) најпрофесионално во рамките на своите надлежности ја спроведе државната матура, соопштија од ДИЦ откако од Министерството за образование и наука побара да се лоцира одговорноста за пропусот во полагањето на вториот екстерен испит по Англиски јазик, во саботата.

ДИЦ во соопштение до јавноста наведува дека тестовите биле навремено изготвени и дистрибуирани до училиштата и тестирањето почнало навреме.

– За случувањата во однос на вибер-групата и споделувањето прашања и одговори за време на изведување на испитите ќе се дискутира на Државен матурски одбор, како највисок орган за реализација на државната матура. На состанокот, членовите на ДМО ќе се произнесат дали и какви санкции ќе има по сите инволвирани во нарушувањето на процесот на реализација на државната матура. Став на ДИЦ е испитот по Англиски јазик да не се поништи за сите оние кои ги почитувале правилата за изведување на државна матура – наведува ДИЦ во дописот.

За претстојните интерни испити од државната матура, кои ги организираат училиштата, ДИЦ посочува дека се надлежни училишните комисии.

„Државниот испитен центар апелира да се почитуваат процедурите за спроведување на интерните испитите во рамките на државната матура за кои се одговорни училишните матурски комисии. Во однос на укажувањето на МОН денеска, дека државната матура треба да се полага во големи простори – сали и холови, ДИЦ одговори дека `години наназад апелирал до Министерството за образование и наука државната матура да се спроведува во голем простор, за што е дискутирано и на Државен матурски одбор`. За жал, овие измени оваа година не се реализираа, но ставот на ДИЦ е дека од наредната година државната матура мора да се реализира во голем простор и со вклучени блокатори“ соопштија од Државниот испитен центар.

Поврзани новости