Австриската амбасада во Скопје соопшти дека првпат од 2019 година Амандманот на Законот за австриско државјанство е применет и во Македонија за двајца потомци на жртви на нацистичките прогонства кои добија австриско државјанство.
– Во присуство на Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница, амбасадорот на Австрија во Северна Македонија, Георг Вуцас вчера ги предаде соодветните декрети за државјанство. Срдечно им посакуваме добредојде на овие двајца нови австриски граѓани, се наведува во соопштението од Австриската амбасада.
Како признание за историската одговорност на Австрија кон жртвите на националсоцијализмот и нивните потомци, австрискиот Парламент едногласно донесе амандман на Законот за австриско државјанство во октомври 2019 година. Според Амандманот на Законот, лицата кои претрпеле прогон самите и нивните потомци имаат право да добијат австриско државјанство со т.н. известување без да мора да се откажат од нивното сегашно државјанство, наведуваат од Амбасадата.