Според податоците од Управата за извршување на санкции до кои дојде МИА, вкупната сума што се издвојува за сите казнено-поправни установи и воспитно-поправниот дом Тетово во земјава изнесува 1.119.634.000 денари или 18,2 милиони евра. Од нив, половина се наменети за затворска полиција и затворските службеници 555.675.000 денари, а околу 18 проценти или 199.500.000 денари за подобрување на условите во затворите.
Во 2020 година во затворите низ земјава имало вкупно 1.901 затвореник или пополнети биле 89 проценти од вкупниот капацитет на затворите, кој што, според податоците од Управата за извршување на санкции е 2.113 лица – со тоа што за секое лице просечно да има најмалку 4 метри квадратни или девет метри кубни простор.
Според тоа, државата годишно секој затвореник во просек ја чини 588 илјади денари или 9.500 евра.
МИА дознава дека, додека вкупниот капацитет на сите затвори низ државата во 2020 година не бил целосно искористен, пренатрупаност има во три затвори, и тоа во Затвор Штип, каде биле сместени 225 лица или 161 процент од неговиот капацитет од 139 лица, потоа Затвор Тетово, кој има капацитет за 48 затвореници, а биле сместени 70 лица или 145 проценти, и Затвор Прилеп, со пополнетост од 102 проценти на неговиот капацитет од вкупно 108 затвореници, а биле сместени 111 затвореници.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права за МИА велат дека иако во изминатиот период се нотирани некои напредувања во казнено-поправните установи, најмногу во поглед на подобрување на материјалните услови, сепак пенитенцијарниот систем сѐ уште се соочува со големи проблеми и предизвици.
– Особено во поглед на материјалните услови, здравствената заштита, образованието и ресоцијализацијата на осудените лица. Дополнително, осудените лица често поднесуваат претставки до Хелсиншкиот комитет за примена на прекумерна сила од страна на службените лица во казнено-поправните установи – припадници на затворската полиција, за што е потребно зајакнување на ефикасноста и ефективноста на надворешниот механизам за гонење на сите случаи на тортура и нечовечко однесување, велат од комитетот.