Директорот на Дирекцијата за технолошко – индустриските развојни зони, Виктор Мизо, денеска при промоцијата на новата странска инвестиција на „Техникал текстајл“ во Штип рече дека државата со странските инвеститори не може да преговара за платите на вработените и покрај тоа што компаниите добиваат низа придобивки и олеснувања.
На новинарско прашање дали во преговорите со идни странски инвеститори, државата ќе побара повисоки плати за вработените, директорот Мизо одговори дека државата не може да ги контролира платите, но платите на вработените во индустриските зони биле дури и повисоки од македонскиот просек.
– Платите државата не може да ги контролира. Цената на трудот ја креира пазарот. И нормално двете страни треба да најдат сума која е задоволителна за двете страни – и на работодавачот и на работникот. Но, ако гледате од аспект на платите во компаниите кои работат во ТИРЗ-овите, како „Техникал текстајлс“ во однос на платите во Штип, тие плати се повисоки не само од минималната плата, туку и повисоки од просекот во таква или слична индустрија. Дури и повисоки од просекот во производствениот сектор во Македонија. На странските компании многу поважна им е продуктивноста, тврди Мизо.
Во објавените огласи за вработување на најновата странска инвестиција „Техникал текстајл“ во Штип беше понудена плата од 10.000 денари.