Државата не инвестира во енергетика оти парите се дадоа за субвенции за струја – се очекува енергетска независност со стратешките инвестиции

by fokus

Македонија не вложува и не гради сама енергетски капацитети туку бара стратешки инвеститори за да вложат во нови капацитети во земјава затоа што тие пари се потрошија за субвенции за струја за граѓаните поради енергетската криза, објаснува вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи за четирите стратешки инвестиции во енергетиката за чија реализација утре на дневен ред пред пратениците ќе се најдат четири предлог закони кои предизвикаа реакции во јавноста.

-Во текот на енергетската криза во овие три-четири години АД ЕСМ имаше предизвик да ја снабдува земјава со електрична енергија и за тоа се потрошија парите што евентуално би ги инвестирало во нови енергетски капацитети. Тие средства беа дадени за субвенционирање на цената на електричната енергија за граѓаните и стопанството. За таа намена отидоа 400 милиони евра и токму тоа е причината што се бараат стратешки инвеститори за да инвестираат во нови енергетски производствени капацитети во земјава, рече Битиќи.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, директорот за развој и инвестиции на ЕСМ, Виктор Андонов и Јован Деспотовски, директор Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони денеска на брифинг со новинарите ги образложуваа четирите предлог закони за реализација на инвестициите со кои очекуваат земјава да стане енергетски ефикасна и независна за разлика од сега кога земјава мора да обезбедува 33 проценти од струјата преку увоз.

Станува збор за инвестицискиот проект на грчката компанија „Митилинеос“ која во наредните пет години треба да изгради когенеративана односно гасна централа на земјиштето кај Железара во Гази Баба, потоа за инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ кој се однесува на изградба на фотонапонска електроцентрала што ќе ја гради гради „Акуа енерџи“ на подрачјето Штип – Свети Николе.

Третиот проект е за „Соларна електрична централа – Пехчево“, на стратешкиот инвеститор, ХЕК „Солар“ МК ДОО Негрево, Пехчево, а четвртиот проект е АИМ „Греен ТЕЦХ“, на стратешкиот инвеститор, АИМ „Греен ТЕЦХ“ ДООЕЛ Скопје, со кој ќе се комбинираат соларна енергија, мотори на гас и можност за батерии за баланс во мрежата.
Вкупната вредност на инвестициите се проценува на 786 милиони евра.

Најголеми реакции во јавноста имаше за гасната централа што ќе се гради во Железара и која треба да покрие 15 отсто од производството на струја во Македонија.

На оваа грчка инвестиција и следува државна помош од 50 милиони евра која ќе се исплаќа во период од пет години, период за кој треба да биде изградена централата.

Оваа централа освен електрична енергија се очекува да произведува и топлинска енергија што би била за 40 отсто поевтина од сегашната, но државата ќе треба да изгради пристапна инфраструктура, односно треба да се изгради само еден километар цевковод за да се спои со постојниот топловоден систем во Скопје.

Комплексот е даден на користење од 30 години за 0,1 евро за квадрат. Со оваа топлина, како што рече Битиќи, ќе се греат уште 35 илјади нови домаќинства и ќе се шири мрежата, а струјата би му се продавала на „Митилинеос“ ќе се пресметува со форумула и во секој случај се очекува да биде поевтина од берзанската.

Со ова Битиќи очекува Македонија да не биде зависна од рускиот гас и скопската когенеративна централа „ТЕ-ТО“ да биде исклучена во иднина бидејќи е руска инвестиција.

-„ТЕ-ТО“ ќе ја исклучиме затоа што е руска инвестиција. Наскоро ќе почне изградбата на гасоводот со Грција и ние повеќе нема да бидеме зависни од рускиот гас, рече Битиќи.

Фотонапонската електроцентрала или Соларниот парк „Стипион“ е инвестиција проценета на околу 270 милиони евра, а ќе се гради на потегот од Штип до Свети Николе, каде требаше да се изгради карго Аеродром. Се проценува дека оваа централа ќе покрие 10 отсто од потребите на електрична енергија на Македонија.

Електричната енергија што ќе ја производува оваа централа ЕСМ ќе ја откупува по 56 евра по мегавачас, што според владата, е пониска од берзанската цена струјата. Освен тоа, инвеститорот е должен да врати по едно евро во општината за секој произведен мегават час, а овие пари ќе се инвестираат во посебен фонд на Развојната банка на Македонија.

Дел од инженерите вчера испратија писмо до пратениците- да се стопира носењето на предлог законите за стратешки инвестиции. Предупредуваат дека ако се донесат ќе се наруши енергетскиот суверенитет на државата.

Во дописот се вели дека со предлог – законот за овој стратешки проект, грчката компанија освен што ќе добие државна помош од 50 милиони евра, има и загарантиран откуп на струјата и тоа без тендер, по цени кои би биле значително повисоки од пазарните.

Ако дојде нова влада после изборите на 8 мај, иако ова прашање е хипотетичко, претставниците од владата, не би можела да ги стопира проектите затоа што законите ќе бидат изгласани во Собрание.

 

Поврзани новости