Државното правобранителство најави отштетно побарување во случајот „Шпански скали”.
Преставникот на ДП, Елена Саздовска, пред судот посочи дека во име оштетената Република Северна Македонија, најавува отштетно побарување од обвинетите во износ од над 163.000.000 денари.
Воедно, застапникот за правобранителството посочи дека отштетното побарување е засновано во обвинителниот акт и во вештиот наод и мислење на вештите лица.
Судењето за овој предмет го води судијката Фанка Јанчулева – Михаичовска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ивана Трајчева.
Првообвинетиот Миле Јанакиевски, коментирајќи го барањето на Државното правобранителство, наведе дека за 50.000.000 денари е поголема сумата од тоа што се најавува како отштета и извештајот на вештите лица.
Во случајот „Шпански скали“, освен Јанакиески, обвинети се и Димитар Димовски, Билјана Дејановска-Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска и Марјан Јованов.
Сите се товарат дека со незаконската продажба на парцелите пред зградата на ЕВН на скопскиот плоштад ја оштетиле државата за 2,6 милиони евра.