Многу партијски книшки а многу малку работни места, многу дипломи и многу долги редови пред Заводот за Запослување, многу надежи и многу разочарувања, многу бош муабети околу историјата и многу малку можности за достоинствен живот. Како е можно во една таква атмосфера младите во Македонија да ја видат својата иднина ?
Пишува х. Сулејман еф. Реџепи
Вџашено прочитав негде дека , во споредба со 1990 год, во Албанија има 270 илјади ученици по малку, дека само во последните години се затворени скоро 200 училишта, дека бројот на луѓето што ја надминуваат возраста од 65 години, во истиот тој период , се удвостручил. Службено, бројот на емигрантите е нешто по голем од еден милион, но неслужбено таа бројка е мног по голема. Овој тренд на напуштање на татковината не покажува по оптимистички статистики ниту во Косово кое што само до пред некоја година беше нај младата земја во Европа според годините на своите жители, но ете и Косово не е веќе толку младо. Во секој случај, овие алармантни шифри околу миграцијата и емиграцијата на Албанците во целина имаат свои познати и непознати разлози и со нив треба да се занимаваат одговорните институции во Албанија и Косово, ако во меѓувреме не им се испразнат целосно државите.
Но, како стоиме ние во тоа рамниште, каква е ситуацијата во Македонија, се празни ли и колку се празни таа, си одат ли повеќе младите Албанци од земјава или тоа го чинат повеќе Македонците, или пак сите топтан фаќаат уџум бидејќи веќе не можат да ја чекаат Европа да дојде кај нас па тие итаат во нејзините прегратки. Годините си врват, но не полека како во песна, тие си одат ептен бргу и тие што денес се млади уште утре можат да констатираат дека им минало европското време.
Тајните патишта кон Европа
Не сум наишол во последно време на некоја службена статистика што говори за напуштањето на Македонија од нејзините млади луѓе, но се сеќавам дека пред некоја година службената бројка се вртеше негде околу тристотини илјади со регулиран статус за престој во странство. Но, службените бројки кај нас воглавно говореле за македонците, за иселувањето на албанците ретко кој се грижел и водел евиденција. А тие пак, албанците, веќе долго време се во потрага по патишта и стази за продор во Европа, патишта и стази што воглавно биле и се тајни, “на црно“, како што милуваат да го нарекуваат својот нелегален престој во странство. Мислам дека нема да згрешам многу ако кажам дека на бројот на македонските граѓани со регулиран престој во странство може да му се додадат уште толку илегалци. А ако згора на тоа ги пресметаме и луѓето со бугарски пасоши што чинат контингент од неколку десетици илјади, воглавно млади македонци, ете ви жители колку што има цела Црна Гора, да кажеме. Значи, малата Македонија има надвор народ колку една држава, макар да е мала.
Произлегува од горе наведеното дека Македонија е бајаги добар лиферант на свежа крв од мултиетничк, мултиконфесионален и милтикултурен сој. И, да не заборавиме, благодарение на многуте школи и универзитети што никнуваат како печурки по дождот и што ги завршуваат сите што се приближуваат до нивните порти, Македонија ја остава без збор јадната Европа сервирајќи и една нова , досега невидена категорија физички работници и хигиеничари со факултетски дипломи. Тоа, се разбира, се случува бидејќи споменатите универзитети, во лудата трка по пари, сосема ги урнисаа основните критериуми за успешно студирање, произведувајќи при тоа генерации што не можат да ги абсорбираат ниту цркнатата ни економија, ниту преоптеретената ни партијска администрација што си зема платички за клатење вратички низ институциите.
Многу партијски книшки а многу малку работни места, многу дипломи и многу долги редови пред Заводот за Запослување, многу надежи и многу разочарувања, многу бош муабети околу историјата и многу малку можности за достоинствен живот. Како е можно во една таква атмосфера младите во Македонија да ја видат својата иднина ?
Во овој ламент за бегањето на нашата младина, без етнички префикс, не го споменувам намерно одењето на мозоците, емиграцијата на тие што на некој чуден начин успеале да се истакнат со својата дарба и професионализам. Не ги споменувам бидејќи и ние знаеме како и тие самите дека нивната иднина е на Запад, таму каде што им се пружа можност да го покажат тоа што знаат и умеат.
Што беше тоа татковина
Во времињава на глобализација кога сиот свет е едно мало селце, некако само по себе бледее концептот на љубовта кон татковината, кон нацијата, дури и традиционалното концептирање на семејството доживува некоја чудна метаморфоза. Денес, можеби ние по возрасните говориме со емоции за родната ни земја кога ќе залутаме негде преку граници. Мирисот на розите од мајчината бавча, ѓомлезето и питата, брденцето над селото, долгите вечерни муабети со другарите, сето тоа е за младите емигранти тема за убаво мајтапење. За татковината, нашите млади низ светот кажуваат дека ги оставила да лутаат низ улици и да ги трошат попусто своите нај убави години, па затоа сега тие ја оставаат нејзе да се пати помеѓу постојаните несватливи избори и градењето на стиропорните споменици и антички палати, нека си бара татковината нова армија на гласачи со ветување дека ќе им обезбеди плата од 200-300 евра. Ние бараме некоја друга татковина, а ги дал Господ многу, бараме татковина во која што нема да биде потребно да објаснуваме работи што се однесуваат само на нас, бараме татковина што ќе можеме да ја замениме со некоја друга татковина, па потоа со друга, со друга. Зависно што ни нуди новата татковина. Ете, така некако ја концептираат младите во туѓина татковината, ја концептираат на начин можеби несватлив за нас, ама тие се младите, тие одлучуваат за самите себе, ние само гледаме и гледајќи се чудиме велејќи Субханалах, Субханалах, Боже, Боже ..
Што се однесува до љубовта кон нацијата и јазикот, работите стојат малку по инаку, но не и толку по инаку колку што би сакале ние.Нашите млади сместени во друга татковина си ја сакаат многу нацијата и јазикот, и по натаму по социјалните станови што им ги дава новата татковина чуваат по некое знаме со двоглав орел или жолто црвено сонце, имаат по некоја гипсена скулптура на Скендербег или некое лавче, прават селфи со рацете испреплетени во форма на орел, говорат албански и македонски како што говореле од секогаш. А за фактот дека децата на нашата младеж ги говорат нашиве јазици некако по тешко или не ги говорат воопшто, не се виновни родителите на децата, нашите синови и ќерки. Тоа се случува бидејќи децата на нашите деца имаат една поинаква татковина, со улици што не се валкани, со училишта што ги припремаат за животните предизвици, со амбуланти и болници што не им бараат корупција за да се грижат за нивното здравје,со универзитети што не се бавча на ничиј татко, со споменици и антички палати што се стари а не стиропорни, со можности за вработување без партијски книшки туку со некои други книшки што им служат како препорака за нивниот квалитет. Навистина, таму не се говори албански и македонски,но тоа тешко дека им значи нешто на децата на нашите деца. Колку ќе им значи на внуките и внуците на нашите деца, се плашам дури и да помислам.
Ќе кажете, според Реисот, отишле јабана нашиве работи. Но, не, не е пропадната целата работа, има уште ронка надеж за сите нас што живееме во Македонија. Постои надеж оваа Европа што моментално ни ги зема младите да дојде кај нас со сиот свој систем на вредности,со безбедноста и одбраната, со работната култура и организација и реорганизација на економијата, со ставот дека татковината му припаѓа на секому што живее во неа, никому повеќе ниту никому по малку. Ќе дојде ли до нас и при нас Европа, зависи од сите нас што до сега само декларативно бевме про Европа и про НАТО, ама ете таму некаде при крајот на месецов, ќе мораме нашите заложби да ги потврдиме и практично.
Инаку, ламентот за напуштањето на татковината на нашата младеж ќе стане уште по плачлив, а Македонија се плашам ќе стане држава без народ, Terra Nullius, Ничија Земја. И, држава без земја е како џамија без џемат. Џамијата е Божји Дом само кога е исполнета со луѓе што го величаат Бога, кога таа е константно празна, представува само еден објект, една градба. 3о Септември наближува! Едно наше ЗА на референдумот ќе значи чекор по блиску до по убава перспектива за сите нас, ќе значи одлучност да го живееме достоинствено животот, без оглед на националните, верските и културните разлики, ќе значи можност да се задржи нашата младина и да и се овозможи тука да си ја гради среќата и иднината.