Спорниот „Крајслер“ со кој двајца припадници на МВР беа фатени со марихуана на албанското-црногорската граница минатиот месец, бил запленет од македонските цариници во декември 2016 година на граничниот премин „Блаце“.
Тогаш македонските цариници пронашле 30 килограми и 958 грама марихуана. Според хронолошкиот извештај, кој „Фокус“ го доби од Агенцијата за управување со одземен имот, последна ставка е приемот на дрогата во депото во касарната Ѓорче Петров и потоа предавање на возилото на користење на МВР. Нема информација за спалување на дрогата.
Марихуаната е примена во депото на 06.12.2016 година. Агенцијата е задолжена да ја чува се додека пресудатата за предметот не стане правосилна, а потоа треба да ја уништи. Пресудата за овој предмет станува правосилна во 2017 година.
Инаку, македонската полиција речиси четири години возела марихуана во ова возило марка „Крајслер“ што го добила на користење од страна на Агенцијата за управување со одземен имот. При заплената на возилото во 2016 година, македонските цариници не извршиле претрес на целиот автомобил, туку се задоволиле со откривање само на едниот бункер со дрога. Односно, оваа дрога која се уште стои во депото на касарната Ѓорче Петров.
Непронајдената количина останала во бункерот под багажникот и таа количина сега ја пронајдоа црногорските цариници.
Катерина Смилева Божиновска