Дрндаревска: Имаме поддршка од само пет пратеници за законите за родова еднаквост и матични евиденции

by Fokus

ЛГБТ луѓето се прикажани како злото, како „сотони“, како оние кои имаат намера да го срушат семејството, да промовираат педофилија, ијзави Драгана Дрндаревска од „Коалицијата маргини“ на денешната панел дискусија  „Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост“.

„Сега имаме една друга ситуација, каде што ние сме повторно жртва, но, ние сме прикажани како злото, како „сотоните“, како оние кои што имаат намера да го срушат семејството, да промовираат педофилија, итн., мислам, јасен е дискурсот. “, рече Дрндаревска.

Таа смета дека во Собранието нема политичка волја да се донесе Законот за родова еднаквост, ниту пак Законот за матична евиденција:

„Доказ дека нема таква политичка волја, е тоа што Законот за матична евиденција беше тргнат без никаква дискусија од дневниот ред од Комисијата за политички систем, ние немавме воопшто ниту можност да дебатираме, да одговориме на сите прашања, сите дилеми коишто ги имаат, него без никакво образложение беше тргнат. Да, сега беше повторно предложен, меѓутоа, од пратеници коишто на една рака се бројат – пет пратенички коишто се наши поддржувачи. Така што, ние не сме ни оддалеку моќни и влијателни, како што МПЦ и останатите антиродови чинители сакаат да не претстават. Ние, замислете, сме успеале, пет пратеници да собереме на наша страна. Со пет пратеници закон не се носи, знаете“, изјави Дрндаревска.

Според Дрнадревска состојбата како денес се прикажани во јавниот дискурс каузите за родова еднаквост и права на ЛГБТ лицата, никогаш не била толку лоша.

„Дури и во времето кога се случи првиот ‘Викенд на гордоста’, кога имавме физички напади врз нас како ЛГБТ луѓе и како активисти за таа кауза, ситуацијата во јавноста не беше волку лоша. Тогаш беше многу јасна нашата позиција на жртви. Значи бевме група на активисти, група на ЛГБТ луѓе, коишто имаат визија за едно поинакво, еднакво општество, и бевме нападнати и како такви баравме правда и заштита од државата, која тогаш беше главен промотор на овие антиродови реторики.“, рече Дрндаревска.

Панел дискусијата е организирана од  Институтот за медиуми и аналитика ИМА од Скопје.

 

Поврзани новости