Дрисла склучи договор за привремени вработувања од 8,5 милиони денари, 3 претпријатија почнаа постапка во еден ден

by Фокус

За краток период, неколку јавни претпријатија од цела држава отпочнаа постапки за ангажирање на лица преку агенциите за привремени вработувања.

Според информациите од Бирото за јавни набавки, само вчера три јавни претпријатија отпочнаа вакви тендерски постапки.

Станува збор за Комунална хигиена Скопје, Водостопанство Лисиче Велес и Пазари Прилеп.

Имено, скопски комуналец спроведува набавка за обезбедување на привремен кадар во период од една година, чија проценета вредност е 9 милиони денари.

Што се однесува до другите две јавни претпријатија, набавката на велешкото претпријатие Лисиче е со проценета вредност од 1,3 милиони денари, додека Пазари Прлиеп не објавило проценета вредност.

Покрај нив, во изминатите денови тендерски постапки за ангажирање на привремени вработени отпочнаа и ЈСП Скопје, ЈП Чистота и Зеленило Куманово, ЈПК Услуга Берово…

Инаку, во текот на мај неколку јавни претпријатија веќе склучија договори со агенциите за привремени вработувања, меѓу кои највисока вредност има договорот меѓу ЈП Дрисла и агенцијата „Декра Арбеит“.

Поточно, овој договор е склучен на сума од 8 и пол милиони денари, што всушност претставува максимален износ на средства што може да се потроши во рамки на набавката.

Според договорот склучен меѓу двете страни, компанијата се обрзува да му отстапува работници на претпријатието во случај на отсуство, зголемен обем на работа, непредвидливи краткотрајни активности…

Воедно, договорот предвидува дека носителот на набавката наплаќа фиксен процент од 6,8 проценти провизија од бруто-платата на секој отстапен работник.

Исто така, ваков договор месецов склучи и ЈП Водовод Куманово со „Еси Времено Вработување“, во вредност од 7,5 милиони денари.

Тоа се случува во период кога се уште трае вонредната состојба поради корона вирусот и се водат преговори за утврдување на датум за предвремените парламентарни избори.

В.С.

Поврзани новости