Дрин Ахмети не откри за колку пари е купена „Соравиа“ – тој ќе има удел од 39 проценти без да вложи денар

by fokus

Идните сопственици на бизнис центарот „Соравиа“, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети преку компанијата „Тор индустрис“ и албанската компанија „Пе-вла-ку“ не открија за колку пари ќе го купат деловниот центар.

Сумата ќе ја кажеле во септември кога ќе завршеле процедурите. Ахмети и сопственикот на „Пе-вла-ку“ на прес конференција за новинарите објаснуваа како дошло до продажбата и како се било чисто.

Според тврдењата на Дрин Ахмети идејата за купувањето произлегла кога дознал дека деловниот центар имал долгови кои не може да ги врати, па стапил во контакт со австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравиа. Тоа го виделе како можност да направат нешто, па заедно со албанскиот бизнисмен Владимир Пјетерѓокај кој соработувал пак со Соравиа и во Албанија, се договориле да го преземат долгот од 20 милиони евра на компанијата и да станат сопственици.

Се виделе во Виена и веднаш се создала хемија меѓу нив.

Продажбата се спроведувала со кредитна линија во износ од шест милиони евра преку банката Крединс инвест, каде Пјетерѓокај имал удел, па првично со овој кредит ќе се исплати дел од долгот. Ахмети иако не вложил ниту еден цент во купувањето на „Соравиа“ и не презел обврски за кредитот, сепак тој е сопственик на 39 проценти.

Педесет и еден процент од уделот ќе биде на „Пе-вла-ку“,  39 проценти на „Тор индустрис“, а 10 проценти ќе останат кај се уште актуелниот сопственик Хано Соравиа.

-Ова е приказната. Компанијата има долгови од 20 милиони евра, претежно кон финансиски институции, а кои ние ги преземаме, обезбедувајќи шест милиони евра кредит од кои три милиони евра се веќе активирани за да се промени иднинатата на компанијата и да ја направиме профитабилна, рече Ахмети, кој не го откри износот на купопродажниот договор поради доверливоста на процедурите.

Пјетерѓокај објасни дека со Дрин Ахмети се знаат четири години.

– За тоа дека Дрин е внук на Али Ахмети, секој е сечиј внук, рече Пјетерѓокај.

Комисијата за заштита на конкуренцијата на 15 јуни објави информација дека добиле известување дека бизнис центарот Соравиа се продава на „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската компанија „Пе-вла-ку ШПК“, како и дека врз основа на прелиминарното испитување утврдиле дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак, како што соопшти Комисијата конечната одлука по ова прашање е резервирана.

До Комисијата за заштита на конкуренцијата е доставено известување за концентрација со која Друштвото за производство, трговија и услуги „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската „Пе-вла-ку ШПК“, со адреса во главниот град на Албанија, Тирана, ќе стекнат заедничка контрола над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ.

Во известувањето на Комисијата е наведено дека „Тор индустрис“ е друштво основано во 2020 година чија основна дејност е развој на градежни проекти.

„’Тор индустрис’ има подружница во Северна Македонија – ‘Тор ИТ-системс’ Скопје со седиште на ул. ‘Филип Втори Македонски’ бр. 3/11кат, Скопје – Центар, која врши компјутерско консултантски дејности. ‘Пе-вла-ку’ е една од најголемите градежни компании во Албанија и Косово, основана во 2005 година. Во своето постоење, а особено во последните години, ‘Пе-вла-ку’ има планирано и успешно реализирано десетици градежни проекти. ‘Пе-вла-ку’ има направено успешни чекори во слободната пазарна економија и со своите проекти беше дел од развојот на двете земји. Со искуство од над 14 години, нивната работа, работење и дејствување се проширува и тие се присутни во многу зони на Албанија и Косово“, стои во известувањето на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Тор ИТ-системс“ и подружницата на „Пе-вла-ку“ во земјава се регистрирани на иста адреса, односно со седиште на улицата „Филип Втори Македонски“ број 3, како фирмите чија контрола ја преземаат.

Со иста адреса е и компанијата „Соравиа инвест“ ДООЕЛ Скопје чија контрола ја преземаат. Станува збор за друштво со ограничена одговорност основано во 2006 година, чија дејност е издавање и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот земен под закуп (лизинг). „Соравиа инвест“ е сопственик на Бизнис-центарот „Соравиа“ во строгиот центар на Скопје, односно на улицата „Филип Втори Македонски“ бр. 3, до Градскиот трговски центар (ГТЦ) Скопје – Центар.

„Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ Скопје, пак е основна дејност управување со недвижен имот со хонорар или врз база на договор и работи како давател на услуги за управување на ТЦ „Соравиа“.

Врз основа на прелиминарното испитување, Комисијата утврдила дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата, но како што соопшти сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана.

Поврзани новости