Дрин Ахмети добил тендер од ЕСМ со банкарска гаранција пониска од пропишаната

by fokus

Фирмата „Еверест ЏД“ во сопственост на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети на трети мај годинава склучила договор со Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), подружница РЕК Осломеј за набавка на доломитски или калциски сепариран варовник (тампон) за РЕК Осломеј. Договорот е склучен врз основа на добиен тендер и е во вкупна вредност од 3.540.000 денари.

На тендерот учествувале вкупно три фирми и освен фирмата на внукот на Ахмети, понуди доставиле и  „ЛОИС – ГЕМСТОНЕ“ од Кичево и ЗИМАК Стретен од Битола. На крајот, по спроведена електронска аукција избрана била фирмата на Дрин Ахмети.

Но, она што е спорно во самата постапка, освен што фирмата е на внукот на првиот човек на ДУИ, е банкарската гаранција која е предвидена во склучениот договор по добиениот тендер. Имено, според член 7 од Договорот меѓу ЕСМ и „Еверест ЏД“, носителот на набавката е должен да достави безусловна банкарска гаранција во висина од 10 отсто од вкупната вредност на Договорот со вклучен ДДВ.

Банкарската гаранција предвидена со Договор е 10 отсто

Според Договорот, вкупната вредност со ДДВ е 3.540.000 денари. Ова значи дека банкарската гаранција која „Еверест ЏД“ требало да ја приложи треба да изнесува 354.000 денари. Според документите приложени заедно со Договорот, кој е објавен на електонскиот систем за јавни набавки, „Еверест ЏД“ доставила банкарска гаранција во висина од 332.400 денари, односно 9,38 отсто од вредноста на договорот со вклучен ДДВ.

Гаранцијата поднесена од фирмата е пониска од пропишаната

Дрин Ахмети стана актуелен во јавноста кога беше обелоденето дека преку компанијата „Тор индустрис“ и албанската компанија „Пе-вла-ку“ го купува деловниот центар „Соравиа“. Според тврдењата на Дрин Ахмети идејата за купувањето произлегла кога дознал дека деловниот центар имал долгови кои не може да ги врати, па стапил во контакт со австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравиа. Тоа го виделе како можност да направат нешто, па заедно со албанскиот бизнисмен Владимир Пјетерѓокај кој соработувал пак со Соравиа и во Албанија, се договориле да го преземат долгот од 20 милиони евра на компанијата и да станат сопственици.

К.С.Б.

 

Поврзани новости