Струшката градежна фирма „Дрим Билдинг“ е подготвена да продолжи со проектот за изградба на модерен европски центар за возрасни лица во Карпош, ако има интерес од Владата и градоначалникот Стефан Богоев.
Ова во изјава за ТВ 24 го изјави сопственикот Ресул Лога, на една од фирмите која со тужба си ги бара парите назад од Меѓународниот сојуз на Боки 13-ка. Парите над 230.000 евра уште лани легнале на сметка на Јасна Мандиќ, потпретседателката на Сојузот на Боки 13- ка. Фирмата ги исплатила преку авторски договор. Не им било спорно тоа што исплатуваат пари на приватно лице, а не на Сојузот бидејќи Мандиќ била наведена како автор на проектот, а тие верувале и сеуште веруваат во проектот тежок 10 милиони евра. На состаноците покрај Бојан Јовановски присуствувале и главните лица од Сојузот. Убедувањата биле толку цврсти што и по истекот на рокот и тужбата, од Сојузот пак добиле уверување дека работата со сите потребни дозволи за центарот во Карпош е речиси готова па побарале пролонгирање од 180 дена. Но до денеска не им вратено ниту едно евро од Сојузот на Боки 13-ка, од парите кои ги исплатиле на Мандиќ, кои сега тие си ги бараат со камата.
Лога вели дека тие не се чувствуваат дека се рекетирани бидејќи имаат договор, па ниту пријавиле рекет во обвинителство. Ниту обвинителството до сега не ги побарало да дадат исказ за случајот „Рекет“.