– Пријавениот треба да даде исказ во обвинителството во текот на оваа недела, кај него по барање на јавен обвинител и врз основа на судска наредба беше извршен и претрес, појаснуваат од обвинителството за „Фокус“ за случајот со заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго.
Реакцијата од обвинителството доаѓа откако денес „Фокус“ објави дека по скоро два месеца од инцидентот се уште нема разврска.
Инцидентот ја бранува јавноста, откако здружението за заштита на животните „Анима мунди“ објави фотографија на која тој позира со убиена мечка како трофеј и со пушка со снајперски нишан.
Според македонското законодавство, за мечка има трајна забрана за лов, па отстрелот врз неа се казнува со затворска казна од една до пет години и парична казна од 18.000 евра ако мечката е постара од две години.
Токму поради тоа, јавно се бараше отстранување од функција на заменик директорот, дури и додека трае истрагата, а вчера од политичката партија Левица соопштија дека поднеле кривична пријава против него, поради сторено кривично дело незаконит лов, казниво по член 238 ст. (4) од Кривичниот законик.
Од обвинителството тврдат дека во континуитет преземале дејствија, со цел да се обезбедат докази за предметот.
– Основното јавно обвинителство Битола во континуитет од оформувањето на предметот презема дејствија со цел обезбедување докази.
Во таа насока издаде повеќе наредби до Министерството за внатрешни работи од кои по дел се уште се постапува.
Пријавениот треба да даде исказ во обвинителството во текот на оваа недела, кај него по барање на јавен обвинител и врз основа на судска наредба беше извршен и претрес. Во која фаза од постапката се врши распит на пријавено лице обвинителството проценува врз основа на доказите со кои располага надлежниот обвинител во секој предмет поединечно, информираат од Службата за односи со јавноста при обвинителството.
Официјални информации околу тоа дали е извршен претрес само во домот на Дранго, или пак и во други простории, но и што точно е пронајдено при претресот, не се откриваат.
Во меѓувреме, и покрај бурните јавни реакции, Дранго се уште останува да врши јавна функција.
Околу неговата изјава за тв Телма, дека мечката со која позирал била усмртена во сообраќајка на патот Битола – Ресен, и дека имало полициски записник за настанот, но од битолската полиција негираа дека лани во декември имало таква пријава, дури и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е убеден во точноста на верзијата, но оставал службите да си ја завршат законската процедура.
Вики Клинчарова