Националната установа Драмски театар – Скопје денеска соопшти дека согласно препораката на Владата за превенција од ширење на корона вирусот, го прекинува својот репертоар до 6 март годинава.
Согласно ова, како што се наведува во соопштението, откажана е претставата „Луди за љубов“, што требаше да се одигра утре на сцената на овој театар.
Билетите доделени како гратиси, добитниците може да ги заменат за друга претстава на билетарницата на Драмскиот театар – Скопје, се додава во соопштението.
Владата во петокот издаде препораката за откажување на поголемите јавни собири, спортски настани и забавни и културно-уметнички манифестации до 6 март, нагласувајќи дека апелот важи за сите, особено за оние каде се очекува присуство на голем број граѓани и каде има или се очекуваат можни присутни гости од странство.
По препораката на Владата беа откажани Струмичкиот карневал и Карневалот „Прочка“ во Прилеп, а спортските настани во текот на викендов се одржуваа без присуство на публика.