Драматично спасување во Кавадарци: Чичко помогни ми, татко ми не диши, а мене се ме боли!

by Fokus

Тешка сообраќајна несреќа се случила синоќа на патот Дреново – Кавадарци, кога возило во кое се превезувале татко и син излетало од патот и паднало во бездна длабока 22 метри.

Иако тешко повредено и пригмечено, осум-годишното дете успеало да се јави на 112, телефонскиот број за итни случаи, и да побара помош, додека неговиот татко бил во кома.  Во постојана телефонска комуникација со пожарникарите кои се упатиле да го лоцираат возилото, но и со градоначалникот Митко Јанчев, кој веднаш штом слушнал за настанот тргнал со нив, по исцрпна потрага, возилото било забележано.

-Многу трауматична ситуација, а храброста на повреденото дете, но и неговата реакција беше клучна да се спасат нивните животи. Детето кое има само осум години се возело на задното седиште. Од ударот, кога автомобилот паднал во бездната, тоа паднало и се заглавило под неговиот татко. Успеало да го земе телефонот и веднаш се јавило на 112. Помогнете ми, татко ми не диши, јас ништо не гледам освен прашина, се ме боли и не знам каде сме, им кажало на телефонските оператори. По долги разговори, прашања каде оделе, на кој дел се наоѓаат, и неговите смирени одговори, ја забележавме колата. Страшни глетки! Благодарение на професионалноста на нашите пожарникари кои се спуштија во бездната, автомобилот беше исечен и детето, а и таткото беа извадени надвор – за ,,Фокус” појаснува градоначалникот.

Вели дека во тие моменти, додека го барале возилото, на сите вклучени во акцијата низ главата им минувале мисли дали ќе стигнат на време, дали ќе ги спасат, што ако не можат да го лоцираат возилото и биде прекасно за детето, но и за таткото.

Како што дознаваме, повредените првин биле траспортирани во кавадаречката болница, а потоа препратени на скопските клиники. Детето имало скршеници и набиеници, а таткото бил во кома со тешка повреда на главата и со скршеница на рбетот. Околу тоа како осум-годишно дете во тие моменти знаело каде да се јави и да побара помош, дознаваме дека тоа и во минатото во повеќе наврати барало помош на 112, бидејќи станувало збор за нефункционално семејство, каде таткото бил алкохоличар и често вршел семејно насилство врз мајката.

И вечерва, неофицијално, тој бил под дејство на алкохол додека управувал со возилото. Градоначалникот Јанчев најави средба со социјалните служби по повод настанот, со цел да се утврди фактичката состојба и да се изнајде најповолно решение за детето – херој.

Вики Клинчарова

Поврзани новости