Драма во Штип поради откажаниот концерт на Саша Ковачевиќ: Не може во Центар за култура на коњопој да се продава алкохол!

by Fokus

Најавуваниот концерт на српскиот пејач Саша Ковачевиќ, кој требаше да се одржи во Националната установа Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип во петокот беше откажан, а причините за откажувањето ја брануваат штипската јавност.

Имено, во НУЦК „Ацо Шопов“ на почетокот на март се одржа концерт на „Црвена јабука“, а беа најавени и други концерти, помеѓу кои на Ковачевиќ, „Нокаут“, Петар Грашо и Сергеј Четковиќ.

За концертот на Ковачевиќ, во најавата беа истакнати цените на влезниците, и тоа од 1.500 до 2.500 денари најскапите, во ВИП зоната, купени на врата. Исто така беше појаснето дека со секои купени четири влезници треба да се одбере маса со пакет пијалоци. Во понудените пијалоци имаше виски со Ред бул за 8.500 денари, вотка со овошен сок за 6.000 денари, вино за 3.000 денари…

Уште откако се објави најавата за настанот, во јавноста се појавија реакции дека центар за култура не е соодветно место за одржување на таков настан, со точење на алкохол на коњопој, бидејќи масите со пијалок и скапите влезници се нешто кое е својствено за ноќните клубови, а не и за национални установи.

Но, по откажувањето на концертот, директорот на НУЦК „Ацо Шопов“ Горан Трајков, излезе на прес и порача дека ќе ја каже вистината за откажувањето на концертот.

Сепак, во неговото обраќање, тој го обвини градоначалникот Иван Јорданов, дека ја злоупотребил функцијата и ја зел правдата во свои раце, но конкетена причина за откажаниот концерт не откри.

Тој кажа дека бил извршен вонреден инспекциски надзор, и дека дал изјава во која истакнал дека организирањето на вакви концерти е со цел да се збогати културната понуда на граѓаните, и за установата да оствари дополнителни сопствени приходи.

-Се убиваат сите надежи за подобрување за европско влијание на културата, кажа Трајков и праша дали српската култура не е култура.

-Градоначалникот изнесе невистини во јавноста за мене, се работи за политички притисоци и ќе превземам соодветни законски мерки – истакна тој.

Сепак, одби да одговори на новинарските прашања која е конкретно причината за откажувањето на концертот и дали и останатите најавени концерти ќе бидат откажани.
Им порача на новинарите да му испратат прашања на електронската пошта.

„Фокус“ му ги достави по електронски пат следните прашања на директорот: Дали директна причина за откажувањето на концертот е највената продажба на алкохол на високи маси, дали установата има соодветна дозвола за продажба на алкохол и колку вкупно влезници биле продадени..

Во повратниот меил кој го добивме од него, тој повторно не ги даде одговорите на прашањата, туку ни го прати линкот од неговата прес-конференција со зборовите: „За се што е зборувано на прес-конференцијата, информациите ги имате на линкот”.

Градоначалникот Иван Јорданов пак, во телефонски разговор за „Фокус“ вели дека зад откажувањето на концертот стојат повеќе причини. Недоволно продадени карти, точење на алкохол и несоодветно адаптирана сала за таков настан биле причините за неодржувањето на настанот.

-За наредните концерти кои се најавени, доколку нема продажба на алкохол, доколку не се прави адаптација на салата со вадење на столчиња и носење на маси, секако дека ќе бидат одржани.

Конкретно за концертот на Ковачевиќ, покрај понудените пакети со маси и жестоки алкохолни пијалоци, ќе напоменам дека и финансиски беше неисплатливо одржувањето на настанот, поради недоволно продадени карти.

Во салата нема соодветни услови за концерти со коњопои и алкохол, да не заборавиме дека се работи за центар за култура. И „Црвена јабука“ имаше концерт овде, за време на настанот немаше ниту алкохол, ниту коњопои, се беше во ред – истакна Јорданов.

Вики Клинчарова

 

 

Поврзани новости