На автобуската станица во германскиот град Вупертал денеска се случил инцидент кога маж со пиштол агресивно им се заканувал на случајните минувачи, по што полицијата за кратко време го уапсила.
Неколку очевидци повикале полиција, која веднаш ги алармирала сите расположливи служби за итна помош, а на местото на инцидентот набрзо пристигнале патролни возила.
Покрената е голема операција со поддршка на федералните полицајци од блиската главна станица, поради стравувањата дека човекот може да пука наоколу, пренесува германскиот весник Билд.
Специјалците со панцирни елеци и вооружени со митралези опколиле голема површина и ја евакуирале автобуската станица, а двајца полицајци му наредиле на напаѓачот да го фрли пиштолот и да легне на земја.
Тој ги послушал, го фрлил оружјето и легнал на стомак, а полицијата брзо го совладала и му ставила лисици на рацете.
Осомничениот е приведен во полициската управа во Вупертал, каде против него ќе биде поведена истрага.