Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомневање дека сторило кривично дело – разбојништво.
-Со закана дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на две оштетени лица, осомничениот, на 20 ноември, одзел пари од маркет на ул. „Цветан Димов“. Имено, тој влегол во објектот со пиштол марка „EKOL SPECIJAL 99” со калибар од 9 мм и им се заканил на оштетените. Им наредил да се тргнат од касата, посегнал преку пултот, ја отворил касата со клучот и одзел пари од дневниот промет во вкупен износ од 5.000 денари, соопшти Јавното обвинителство.
Во тој момент, во маркетот влегло уште едно лице кое се нафрлило врз осомничениот со намера да ги заштити оштетените, па осомниченото лице бил совладано и му било одземено оружјето.
Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје му предложил на лицето да му определи мерка притвор.