Политички изјави не би сакал да коментирам, било да се од македонска или од бугарска страна, вели македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања. Заради овој принцип, тој не се осврнува поединечно на ставовите изнесени од премиерот Заев во интервјуто за Бгнес. Но, она што во моментов ги отсликува состојбите, го смета за резултат на еден генерално погрешен пристап, пренесува „Дојче Веле“.
-Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка. Историските контроверзи, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите. Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно. Не треба да се создава тензија. Дијалогот треба да продолжи, бидејќи само така еден на друг ќе можеме да си кажеме што мислиме, и да најдеме пристапи преку кои ќе ги надминеме стереотипите. Ни треба пристапот на мултиперспективност, во кој ќе се почитуваат различните наративи, а не да се наметнуваат. Не треба да се делува избрзано, под притисок на политиката, бидејќи тоа е погубно: можеби ќе има резултати на краток рок, но тоа би било со долгорочни последици, оценува историчарот.
Следната сесија на македонско-бугарската историска комисија е закажана за крајот на наредната недела.