Драгана Спасовска: Се идентификувам како Бугарка!

by Fokus

Моделот и блогерка Драгана Спасовска, која седум години живее и работи во Дубаи е хит во соседна Бугарија. Речиси секојдневно ги полни страниците на тамошните медиуми, кои пишуваат за нејзините забави во Дубаи, дружбите со светски познати фудбалери и ги следат сите нејзини случувања поврзани со џет-сетерскиот живот.

Атрактивната девојка потекнува од Скопје, каде во минатото градеше кариера како модел. Во 2009 година замина да студира во Пловдив, Бугарија, и откако се појави на тамошни избори за убавина, но и како модел во видео записи на бугарски пејачи, преку ноќ стекна голема популарност.

За себе знае да каже дека е дете на интернационална љубов, бидејќи татко и е Македонец, а пак мајка и е Бугарка, но на прашањето дали се идентификува како Македонка или пак како Бугарка, без двоумење вели – Бугарка!


Бугарските медиуми за неа со гордост пишуваат – Нашата Драгана, а таа за ,,Фокус” вели дека и годи популарноста во Бугарија.

-Во Бугарија доста ме знаат луѓето, таму снимав интервју кое има над милион прегледи. Има заинтересираност за мене таму. Во Македонија, доколку си поразличен, те судат, но во Бугарија ме гледаат на друг начин. Имам доста фанови, од сите генерации, помлади и постари. Им се допаѓа мојот начин на живот, имам поддршка. Да бидам искрена, се идентификувам како Бугарка – вели Спасовска.

И во постари интервјуа, од времето додека студираше и работеше во Бугарија, таа знаеше да каже дека иако и двете земји ги сака подеднакво, сепак во Бугарија е многу полесно да се успее како модел, бидејќи нема предрасуди и се прави разлика помеѓу приватното и професионалното, посебно кога станува збор за професијата модел.

-Во Македонија, на пример, доколку некоја девојка која по професија е модел, си дозволи послободни пози, веднаш станува мета на озборувања, па дури и исмејување. Ќе бидат потребни години да се искоренат таквите сфаќања, затоа професионално се свртев кон Бугарија, раскажуваше таа уште пред десеттина години.

 

Вики Клинчарова

Поврзани новости