Драгана Мирковиќ по пауза од 25 години ќе пее во Македонија: Многу ја сакам вашата земја!

by Fokus

Фолк пејачката Драгана Мирковиќ по пауза од 25 години доаѓа во Македонија и ќе одржи концерт во Битола, во кабаре клубот ,,Голд Фелиција” на 11-ти јули.
Од нејзиниот тим велат дека Мирковиќ постојано добивала понуди за гостување во Македонија, но овојпат се поклопиле коцките и настанот можел да се реализира. Ветуваат дека настапот во Битола е само почеток, а подоцна Драгана почесто ќе се гледала со македонската публика.

И пејачката не го крие задоволството што по подолга пауза ќе дојде во земјава. Кажа дека има многу убави спомени од концертите во Македонија од деведесеттите години на минатиот век.

-Оваа година е мојот голем јубилеј, 40 години во музиката, па јас не би била среќна ако не запеам пред македонската публика. Знам дека и должам на многубројната публика во вашата преубава земја, земја која многу ја сакам и со која ме врзуваат најубавите спомени од моите концерти во деведесеттите, истакна пејачката.

Како потсетување, нејзиниот последен концерт во земјава требаше да се одржи во мај 2017 година, во Арена „Борис Трајковски“. Заедно со неа беше најавен настап и на Аца Лукас. Но, поради тогашната состојба во земјава, и поради протестите кои се одржуваа во повеќе градови, организирани од здружението „За заедничка Македонија“, таа го откажа концертот.

Тогаш од организацијата „Скајмјузик“ соопштија дека Мирковиќ сметала дека поради актуелната политичка ситуација не е време за нејзин концерт, но на фановите им ветија дека концерт во Скопје секако ќе има, најверојатно во септември 2017 година, бидејќи Скопје бил еден од 15-те градови опфатен во нејзината турнеја „Една од милион“. Но ниту во септември не се одржа концертот.

Аца Лукас пак, не го откажа концертот и истакна дека музиката не познава граници, а тој е тука да ги забавува луѓето и не го интересира политика.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости