Популарната српска фолк пејачка Драгана Мирковиќ (55), за време на својата турнеја во Америка, по барање на публиката ја отпеала легендарната македонска песна „Зајди, зајди”, а видео од настанот беше објавено на нејзината фан страница.
Додека Мирковиќ пее заедно со публиката, не може да ги скрие солзите, па среде настап и донесоа столче, да седне и да ги смири емоциите.
На концертната турнеја на пејачката имало голем број на посетители од речиси сите поранешни југословенски републики, бидејќи своевремено, таа беше помеѓу најпопуларните фолк пејачки во Југославија.
Но, и покрај тоа што им ја исполнила музичката желба на македонските гости на концертот, Драгана долги години наназад нема гостувано во Македонија.
Таа најави голем концерт во Скопје во 2017 година, во ВИП Арена, како дел од нејзината концертна турнеја која беше насловена „Една од милион”.
Но, нејзиниот концерт беше откажан, поради тогашните протести на иницијативата „За заедничка Македонија” кои се одржуваа против таканаречената Тиранска платформа, со која според учесниците на протестите, ќе се случела поделба на Македонија, воведување на двојазичност и федерализација.
Тогаш од нејзиниот тим соопштија дека Мирковиќ проценила како поради политичката ситуација во Македонија, не било време за нејзин концерт и вети дека истиот ќе го одржи по неколку месеци. Сепак, и по завршувањето на протестите, пејачката не одржа концерт во ВИП Арената.
Вики Клинчарова