Драган Данев, кој е и нов координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и Александар Велјановски, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово, се избрани за нови членови на Извршниот комитет на оваа партија, било решено на вчерашната седница на нејзиниот Централен комитет.
Мицкоски ги запознал членовите на ЦК со посетите во Европскиот парламент, САД, Унгарија и Балканските земји, Хрватска, Словенија и Србија. Тој истакнал дека овие посети и средби со голем број на политичари биле со цел за да бидат запознаени поддржувачите на Македонија за состојбата во која се наоѓа државата.
– Мицковски јасно и недвосмислено потенцираше дека своите соговорници ги запознал со случувањата во Република Македонија. Кршењето на човечките права и слободи од страна на сегашната власт, како и злоупотребата на институциите кои ги прави владата на СДСМ, прогонот и тортурата врз пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, уметници и неистомисленици на владејачката гарнитура и економското уназадување во изминативе 9 месеци биле нотирани од страна на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ при средбите. Претседателот на своите соговорници им сугерирал дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму со сите свои сили и можности ќе продолжи да се бори за правата и еднаквостите на граѓаните на Република Македонија, како и тоа дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе продолжи да чекори рамо до рамо со своите десничарски сестрински партии, во Европа, но и во светски рамки – велат од ВМРО-ДПМНЕ.