Др.Пановски: Мерките немаат смисла, цела фамилија може да влезе со еден сертификат во кафеана

by Fokus

Вакциналните сертификати ја изгубија смислата, кај нас нема ни потреба од фалсификување се случува цела фамилија со еден сертификат да влезе во трговски центар или кафеана бидејќи тоа не се контролира правилно од надлежните, вели за „Фокус“ доктор Никола Пановски.

-Вакцинацијата е важна, но не е приоритетна ако пациентот има доволен број на антитела, вели Пановски.

Тој вели дека поради селективните мерки и погрешниот пристап на присилна вакцинација од страна на властите се постигнува контраефект бидејќи голем дел од вакцинираните го пренесуваат вирусот, а немаат симптоми.

Затоа се потребни рестриктивни мерки кои ќе важат за сите, тоа значи затворени дискотеки, скратено работно време на кафулиња, заштитни маски и најважното зголемена контрола од страна на властите.

Според него она што е важно е да се мисли на децата и да се почне да се размислува за воведување онлајн настава, бидејќи има се повеќе случаи токму од оваа популација.

-Според мене учениците пожелно е да се префрлат на онлајн настава или пак комбинирани смени во училиштата со онлајн и физичко присуство, бидејќи станува ладно и се поневозможно проветрувањето, а и доколку е можно да се зголеми бројот на автобуски линии, вели Пановски.

Само со примени две дози вакцина или потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена дозволен е влез во угостителски и секаков друг вид на објекти од отворен или затворен вид.

Оваа мерка стапи на сила од денеска, а од Комисијата за заразни болести досега не препорачаа дополнително зајакнување на антиковид мерките.

С.Т

Поврзани новости