Владата во вторникот донесе одлука да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари за тежина од 450 грама, па Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од вчера до денеска направил контроли во над 400 фирми поврзано со производство и дистрибуција на леб.
„До сега од контролите е утврдено дека генерално се доставува леб кој е опфатен со Одлуката, а се почитува и замрзнатата цена од 33 денари, односно цената утврдена во согласност со грамажата за помалку од 450 грама. Цената на лебот во зависност од грамажата и во зависност од различни градови каде се продава изнесува од 25 до 33 денари. Државниот инспекторат и понатаму ќе продолжи да врши контроли кои се однесуваат на почитување на замрзнатата цена на лебот донесена со Одлуката на Владата. Исто така, потребно е сите да ги почитуваме Одлуките на Владата, бидејќи примарна цел е сузбивање на профитерството во време на криза, и залагање за солидарност, односно да се има разбирање и да им се излезе во пресрет на граѓаните“ – велат од ДПИ.
Инспекторите и вечерва се на терен во пекарите. Оттаму додаваат дека ќе ги ангажираат сите расположливи ресурси за да постапуваат, а покрај редовните контроли порачуваат дека излегуваат на терен и по пријави од граѓани.
„Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран. Надзори се вршат постојано, а пазарниот инспекторат функционира со својот полн капацитет“ – порачуваат од ДПИ.