Државниот просветен инспекторат ќе го испита случајот во угостителското училиште „Лазар Танев“, откако „Фокус“ објави дека директорот, Зоран Николовски, сам си ја потпишал дипломата за завршена четвртта година од средно образование додека директорувал со училиштето.
-Бидејќи се документите веќе објавени, Дражавниот просветен инспекторат ќе постапи по случајот, за да испита дали е постапката во ред или не. Ние ќе утврдиме дали е законски директорот сам на себе да си потпишува диплома. Ако не е законски Инспекторатат ќе поднесе мерки против него. Една од мерките е разрешување, а постои опција и за покренување кривична постапка за утврдување на кривична одговорност – вели директорот на ДПИ, Томе Спировски.
Имено, според документите до кои дојде „Фокус“, директорот Зоран Николовски, во 1992 завршил студии на факултетот во Охрид со три години средно образование. За директор на „Лазар Танев“ бил назначен во 2006-2007 година и додека директорувал со училиштето решил повторно да студира. Но Николовски не можел да се запише повторно на студии без завршена четвртта година средно образование, поради што решил тоа да го направи во своето училиште.
Во 2014 година училиштето му издава диплома за положен завршен испит, потпишана од него самиот. На свидетелството, кое исто така сам си го потпишал, добил оцена 5 по сите единаесет предмети.
Откако „Фокус“ ја објави сторијата, професори од училиштето се жалат дека директорот им врши притисок. Според извори од училиштето, Николовски се служи со закани кон професорите доколку не откријат кој им ги предал документите на медиумите.
За другите злоупотреби во училиштето можете да прочитате во последниот број на неделникот „Фокус“.
Маја Васева