Од Државен просветен инспекторат денеска излегоа со реакција во која се вели дека осудуваат секаков вид на насилство, неетичко и неморално постапување и однесување на било кој вработен во образовна установа со што се наштетува пред на психо физичкиот развој на учениците, на воспитно образовниот процес и се доведува во прашање угледот на професијата наставник.
-Информираме дека просветни инспектори извршија вонреден инспекциски надзор во ООУ,,Панајот Гиновски” – Бутел. Од непосредниот увид со Записник се констатира дека е известено Министерството за внатрешни работи и дека е поведена дисциплинска постапка. Од страна на Државниот просветен инспекторат ќе се издаде и Решение со наредени мерки со што се задолжува Директорот на училиштето да ги превземе сите законски мерки и активности за целосно документирање и расчистување на случајот. Исто така, ДПИ го повикува Основното јавно обвинителство да постапи во врска со случајот, велат од ДПИ.
Следува и контролен инспекциски надзор, а по согледување на сите факти согласно постојната законска регулатива Државниот просветен инспекторат ќе превземе понатамошни мерки за што дополнително ќе ја известиме јавноста преку соопштение.