На вонредна прес конференција, премиерот на Италија, Џузепе Конте синоќа соопшти дека цела Италија оди во карантин поради коронавирусот.
Околу тоа што точно значи целосниот карантин и кои се правилата кои сега се на сила во Италија, каде живеат десетици илјади македонски граѓани, детално појаснува италијанскиот медиум The local Italy, а сите кои имаат прашања можат слободно да ги постават и ќе добијат одговор за кратко време.
-На граѓаните им е кажано да останат дома и да не патуваат без голема причина, со цел да се запре ширењето на вирусот. Патувањето е дозволено во итни случаеви, како на пример здравствени причини и неодложни работни обврски.
Луѓето кои имаат коронавирус во никој случај не смеат да ги напуштат домовите. Оние кои патуваат треба да потполнат формулар во кој ќе ги наведат причините за патување и истиот треба да го приложат на надлежните лица на железничките станици, аеродроми и главни патишта кои ги поврзуваат градовите.
Сите собири на отворен и затворен простор се забранети, училиштата, музеите, базените, спортските сали и ски центри исто така се затворени.
Јавниот транспорт функционира, исто како и такси службите. Постои можност возилата да бидат запрени од полицијата и да бидат запрашани за причината за патување.
Надлежните се надеваат на граѓанска самосвест, а давањето на лажни податоци ќе се казнува според закон.
Супермаркетите и продавниците се отворени, а сопствениците треба да се погрижат да не се создава гужва, односно да има еден метар растојание помеѓу купувачите.
Шопинг центрите нема да работат за време на викенд.
Може да се излегува надвор и да се шета во областа во која се живее, и покрај тоа што Владата ги замоли граѓаните да останат дома. Аеродромите остануваат отворени и луѓето од странство можат да си заминат дома – се дел од одговорите на најчесто поставуваните прашања во врска со карантинот во Италија, кои читателите ги поставуваат на The local Italy.
Вики Клинчарова