Доживотен затвор за убиецот на Емилија од Штип: Задоволни сме од пресудата, ама болката ништо нема да ја залечи!

by Fokus

Фадил Зејнелов од Штип доби максимална казна, доживотен затвор за убиството на 29-годишната Емилија Пешева.
Лани во ноември тој првин започнал да ја тепа, а потоа и ја задавил младата самохрана мајка на едно малолетно дете, со која бил во љубовна врска.

Пресудата беше изречена денес во Основниот суд Штип, а семејството на Пешева истакна дека се задоволни од казната за убиецот на нивното дете.

-Нека гледа цела Македонија дека во Штип имаме добри судии и обвинители. Никогаш да не се случуваат вакви работи, сите имаме деца, имаме ќерки! Ние сега, како ќе живееме, самите си знаеме, кажа таткото на Емилија.

И нејзината мајка изјави дека иако болката никогаш нема да и биде излечена, задоволна е од пресудата.

-Кога некој ќе пријави закани или опасност, веднаш треба да се превземаат мерки, а не како во случајот со ќерка ми, која убиецот и во минатото ја малтретираше. Таквите луѓе треба да се затворат, порача Џемиле, мајката на Емилија.

Убиецот, за кого семејството на жртвата кажа дека бил наркоман и комарџија, во минатото бил пријавуван за насилство пред институциите, но бидејќи жртвата го повлекувала предлогот – постапките запирале и насилникот останал неказнет.

Пешеви сега се грижат за детето на Емилија, за кое вујкото на девојката, Есад Сала за ,,Фокус” раскажа дека е многу потресено и постојано ја бара својата мајка. Хуманистот Александар Георѓиев од Штип пак, преку неговата хуманитарна организација веќе започна со реновирање на дел од домот на Пешеви, кои живеат во лоши услови, со цел да им се олесни секојдневието и да се пружат добри животни услови за детето на Емилија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости