Случајот од Аргентина, кога осум млади момчиња, рагбисти, до смрт го претепаа студентот Фернандо Баеза (18) доби судска пресуда, а веста ја пренесоа повеќе светски медиуми.
Настанот се случи во јануари 2020 година, кога осум момчиња на возраст од 21 до 23 години првин вербално го нападнале студентот во ноќен клуб, а потоа надвор од клубот започнале да го тепаат. Додека лежел на земја, тие продолжувале да го клоцаат и не им дозволувале на минувачите да му се приближат и да му помогнат. Обвинителството барало казна доживотен затвор за сите осуммина напаѓачи, но сепак само пет од нив биле осудени доживотно, додека пак останатите тројца добиле затворски казни од по 15 години. Случајот привлече големо медиумско внимание, а снимка од читањето на пресудите се прошири и на социјалните мрежи. На неа се гледа како еден од осудените се онесвести кога ја слушна пресудата.
Во земјава сличен беше случајот со хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт од три лица пред дискотека во Скопје, лани во април. Тројцата обвинети Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски беа прогласени за виновни. Ѓорѓиевски и Левковска добија затворски казни од по 18 години, додека пак Костовски доби затворска казна во траење од 16 години. Исто така, тие треба да платат отштета на семејството Тот во износ од 26 милиони денари, односно околу 422.000 евра.
Вики Клинчарова